СО СУБВЕНЦИИ „ВИЗЕР“ ЌЕ ЛЕТА ОД СКОПЈЕ ЗА ЉУБЉАНА, ШТУТГАРТ, ЛУКСЕМБУРГ И САЛЦБУРГ
Авиокомпанијата „Визер“ ќе воведе четири нови авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје од 1 ноември. Од 23 април, пак, авиокомпанијата „Луфтханза“ ќе лета за Франкфурт десет пати во неделата.
Министерството за транспорт и врски денеска ги објави новите авиолинии кои ќе ги субвенционира државата. „Луфтханза“ конкурирала за субвенции за една авиолинија односно од Скопје до аеродромот во Франкфурт.
Компанијата „Визер“ ќе добие субвенции за летовите до Љубљана, Штутгарт, Луксембург и Салцбург. Овие летови ќе стартуваат од 1 ноември и ќе ги има три пати неделно.
Финансиската поддршка ќе биде 7 евра по патник во заминување превезен од Меѓународен аеродром Скопје. Договорите со авиокомпаниите ќе биде на три години, за што од буџетот се предвидени 5 милиони евра.
„Компаниите ќе мора овие линии да ги одржуваат три години од денот на склучување на договорот во спротивно ќе мора да ги вратат парите кои ги добиле како субвенции“, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.