Граѓаните потиснати од високата инфлација, тешката финансиска состојба и презадолженост во комерцијалните банки сè почесто бараат излез во брзите кредити. Дозволите за основање и работа на овие финансиски друштва ги издава Министерството за финансии. Според податоците што се објавени во Предлог-измените на постојното законско решение, заклучно до 1 ноември 2022 година на финансискиот пазар активно работеле 33 финансиски друштва. Најголем дел од нив одобрувале потрошувачки кредити на физички лица.
Нејасна е регулацијата и ревизијата на овие финансиски друштва. Од една страна врз комерцијалните банки се врши редовен надзор од страна на Народна Банка, од друга страна нејасно е кој врши редовна ревизија на овие финансиски друштва. Сè почесто сме сведоци како онлајн се подигнуваат кредити на друго име, злоупотребувајќи ги личните податоци на граѓаните , а сето тоа е последица и на самото функционирање на овие друштва. За апликација и одобрување на брз кредит потребно е име презиме, телефонски број, ЕМБГ, број на здравствено осигурување (незадолжително) и слика од лична карта.
Најпрво те контактира оператор од овие финансиски друштва каде бара одредени податоци и средствата се исплаќаат на трансакциска сметка на барателот. Поради недоволната автентификација на овие финански друштва често сме сведоци на подигнување кредити на друго име за кои оштетените граѓани не се ни свесни дека некој подигнал кредит во нивно име.
Согласно податоците од Министерството за внатрешни работи во 2022 година, евидентирани се 43 случаи на измами со брзи кредити по кои по преземени мерки и активности до надлежните ОЈО поднесени се 16 кривични пријави и 24 писмени известувања, при што во рамките на расветлените случаи пријавени се 24 сторители, а поднесено е и едно известување до оштетено лице за поднесување на приватна тужба против откриен сторител.
Но, уште поголема замка за граѓаните кои зеле брзи кредити од финансиските друштва се огромните трошоци кои неколкукратно ја зголемуваат сумата што треба да ја вратат. Иако во рекламите се нудат средства со нула посто камата или кредит без трошоци, сепак зад ова стојат скриени трошоци, поради кои граѓаните запаѓаат во огромни долгови кои не можат да ги платат.
Согласно јавно достапните информации и калкулатори на некои од овие финансиски друштва направивме анализа на условите за брзи кредити кои се нудат од нивна страна.
Така, за кредит од 30.000 денари во МКеш со рок на враќање од 9 месеци треба да се вратат 36.387 денари, но доколку граѓанинот се согласи во склоп на кредитот да биде вклучена и дополнителна доброволна услуга (што ѝ да им значи таа услуга) износот кој треба да го врати изнесува 57.834 денари. Доколку ја видиме и тарифата на друштвото ќе видиме дека под доброволна услуга подразбирале финансиски консултации. Кредитот е со редовна каматна стапка од 9,95% и стапка на вкупни трошоци околу 62% .
За оние граѓани кои нема да ги користат оние финансиски консултации вкупно треба да вратат 36.387 ден, но во таа калкулација нема информација колку е стапката на вкупни трошоци. Во тарифата на финансиското друштво, која е јавно објавена на нивната веб страна, нема информација за останати трошоци по основ на кредитот, па нејасно е како може да се наплаќаат услуги кои не се јавно достапни во тарифа односно по која камата се наплаќа за доцнење, како и дали и колку се наплаќаат провизии за предвремено ликвидирање, трошок за администрација , трошок за апликација итн.
Но, од друга страна пак, за кредит на пример во финансиско друштво ТиГо согласно тарифата која јавно е објавена на нивниот веб сајт, гледаме дека кредитите се нудат до 12% годишна каматна стапка, провизија за администрирање од 2,2% за 3 месеци до 2.45% годишно за 24 месеци, со 2% до 3% камата за неплатена доспеана главница со вклучени 3 дена грејс период на доспеаната рата, со тоа што доколку клиентот побара трансформација на долгот тогаш ќе се наплаќаат дополнително и 0,45% камата дневно на остатокот од главницата. За предвремена отплата на кредитот се наплаќа 0,5% провизија на недостасаната главница, а за долг и испраќање опомени се наплаќа 450 денари. Но, доколку итно ви требаат средства тогаш ќе платите провизија од 10% од износот на главницата.
Финансиското друштво Форца за износ од 30.000 денари на рок од 3 месеци треба да вратите вкупно 30.756 денари , со провизија за одобрување од 1650 денари и стапка на вкупни трошоци за кредитот од 63,75%. На веб страната на друштвото нема јавно истакната тарифа за услугите кои ги нуди.
Ако ги разгледаме само овие три финансики друштва, а ист е примерот и со останатите, ќе забележиме дека стапката на вкупни трошоци изнесува над 60%.
Стапка на вкупни трошоци одноно СВТ е кратенка од стапка на вкупни трошоци и претставува дисконтна стапка изразена на годишно ниво како однос на вкупните трошоци на кредитот и вкупниот износ на кредитот (изразена со две децимали). Доколку се предвидени во договорот за кредит, во оваа стапка можат да се вклучат следниве видови трошоци/ провизии: обработка на барање за кредит, одобрување кредит,администрирање на кредитот, чување на инструментот за обезбедување,провизии и надоместоци поврзани со задолжителни дополнителни услуги поврзани со кредитот и слично.
Во пресметката на СВТ не се вклучуваат трошоците поврзани со: неисполнување или доцнење со исполнување на обврските од договорот за потрошувачки кредит, трошоците за осигурување или гарантирање на кредитот коишто не претставуваат задолжителни дополнителни услуги (од нив не зависи одобрување на кредитот), нотарските трошоци и сл. Доколку има дополнителни трошоци коишто не се познати на финансикото друштво, должно е да ве запознае со видот на трошоците, без наведување на износот.
Стапката на вкупните трошоци за потрошувачките кредити коишто ги одобруваат банките во пракса е неколку процентни поени над договорната каматна стапка утврдена во договорот за кредит. Но доколку ја погледнеме СВТ кај финансиките друштва кои нудат брзи кредити таа изнесува 5 па и 6 пати повеќе од договорната каматна стапка. Важно е да се напомене дека СВТ не смее да го надмине петкратниот износ од стапката на законската казнена камата утврдена согласно со Законот за облигационите односи за договорите во кои барем едното лице не е трговец, стои во брошурата Финансиски услуги на Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Моментално законска казнена камата изнесува 12.75% односно СВТ која ја наплаќаат овие финансиски друштва не смее да биде повисока од 63,75% па останува нејасно дали некој ги контролира овие друштва, дали сè што е законски предвидено пресметуваат во СВТ, дали се даваат преддоговорни информации на граѓаните пред да се согласат да подигнат креди и како и дали се усогласени со законот за заштита на лични податоци.