Во соопштение до медиумите „Студентски отпор“ искажува незадоволство од институциите и, како што наведува, „нивниот игнорантски, незаинтересиран однос кон студентите, кој континуирано се зголемува низ годините, а особено изминативе месеци“.
Како што пишува во рекцијата, немаат намера да се откажат се до целосно исполнување на нивните барања и дека ќе настојуваат да ги остварат целите „користејќи ги сите расположливи механизми и средства“.
Покрај барањето средба со министерот и вклучување во работни тела, „Студентски отпор“ бара изедначување на стипендиите (ретроактивна исплата и нов анекс на договорите) и покачување на дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк на 160 денари.
Во барањата се наведени и: дигитализација и укинување на т.н. скриени трошоци на факултетите; бесплатен/субвенциониран меѓуградски превоз за студентите; прецизни рокови за започнувањето и реализацијата на најавената реконструкција на студентските домови; стипендирање на студентите на втор циклус студии; модернизирање на лабораториите на природните и техничките факултети и прецизни рокови за започнување и реализација на изградбата на зградите на ФИНКИ и ДИФ.
-Ги охрабруваме и повикуваме сите студенти да ни се придружат во нашата борба, бидејќи само сплотени можеме да предизвикаме достоинствени услови за студирање на младите и заедно да ја изградиме иднината, апелира „Студентски отпор“.