Новости Топ Вести

ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во подготовка на уставните амандмани

Власта, и покрај одбивањето од ВМРО-ДПМНЕ да делегира свој експерт во работната група за промена на Преамбулата на Уставот, ја остава вратата отворена, но нема да чека бесконечно. Ова вчера го истакна вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, а премиерот Димитар Ковачевски смета и на булдожер-дипломатијата за да стаса до потребните 80 пратенички гласа за измени на Уставот. Во контекст на ваквиот развој на настаните беше и објавената фотографија на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски од пред влезот на ЕУ-Инфоцентарот, иако евроамбасадорот Дејвид Гир не сакаше да коментира, но рече дека имаат редовни контакти со партии и од власта и од опозицијата и додаде дека за пристапниот процес кон ЕУ мора да има согласност меѓу сите политички партии

Тимот стручњаци што ќе треба да ги подготви уставните амандмани се очекува да биде познат деновиве. Според информации на „Слободен печат“, министерот за правда Кренар Лога веќе се сретнал со професори и со експерти по уставно право, а деновиве официјално ќе побара и шефот на државата Стево Пендаровски да делегира свој претставник во екипата што ќе работи на уставните амандмани

Тесното раководство на СДСМ, пак, неофицијално синоќа договарало стратегија како ќе ги протурка уставните измени во Собранието, за кои им е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, односно 80 пратеници.

Власта упати јавен повик до ВМРО-ДПМНЕ да учествува во промена на Уставот заради впишување на Бугарите во Преамбулата како услов неопходен за евроинтеграциите.

Тој изрази жалење доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не учествува во подготовката на амандманите и повтори дека процесот не го отвораат, бидејќи тоа не е од интерес само на Владата туку дека е интерес на државата.

За формирање на тимот, задолжен да ги подготви уставните амандмани, министерот за правда Лога веќе се сретнал со премиерот Димитар Ковачевски, со вицепремиерот Маричиќ, со првиот вицепремиер Артан Груби и со вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, како и со професори по уставно право. Се очекува експерт за тимот да предложи и претседателот Пендаровски. Дознаваме дека тимот ќе биде комбинација на професори и експерти кои веќе работеле на Уставот, како и млади, но профилирани професори по уставно право.

Неофицијално, уставните измени синоќа биле тема и на најтесното партиско раководство на СДСМ. Договорено било процесот да се одвива во две фази. Во првата фаза ќе се обидат да ги убедат граѓаните и пратениците дека во уставните амандмани нема ништо спорно, додека во втората фаза таргет ќе бидат помалите коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ.

Евроамбасадорот Гир, на прашање за фотографија што се појавила во јавноста од лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски како влегува во ЕУ-Инфоцентарот во Скопје, не откри детали. Тој изјави дека имаат редовни контакти со партии и од власта и од опозицијата и рече дека дека за пристапниот процес за ЕУ мора да има согласност меѓу сите политички партии. Според него, целото прашање за уставните измени е суверена одлука што треба да ја донесе државата.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *