Академик Влада Урошевиќ, македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, и преведуваче годинашен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на позијата објави претседателката на Управниот одбор на манифестацијата, Елизабета Шелева при денешното прогласување на лауреатите во НУБ „Климент Охридски“.
Тој е трет македонски автор кој го добива Златниот венец, по Блаже Конески во 1981 и Матеја Матевска во 2011.
За наградата Урошевиќ се заблагодари од седиштето на УНЕСКО во Париз каде денеска се слави Светскиот ден на поезијата, 21 март и каде се одржува целодневна програма во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов.
Минатата недела, академик Урошевиќ за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“ ја доби престижната книжевна награда Роман на годината за 2022. Романот е во издание на „Арс ламина“.
Ирскиот поет Гевин Бредли со неговата стихозбирка „Страв од разделба“ е годинешниот добитник на наградата „Мостови на Струга“ – меѓународна награда што ја доделува фестивалот „Струшките вечери на поезијата“ заедно со УНЕСКО, за најдобра дебитанска поетска книга во светот.