Интервјуа Култура

Интервју со проф. д-р Елка Јачева-Улчар :„Поприште немам“

Во една прилика изјавивте дека стравувате оти општеството ќе се подели: плашливите ќе се повлечат, а попркосните ќе станат пожестоки. Дали од оваа дистанца цените дека се обистинија Вашите ставови?

E. J-У: Ми се чини, НЕ! Попркосните не само што не станаа пожестоки, туку стивнаа, се повлекоа, станаа апатични. Тоа веројатно се должи на тоа што нивните очекувања од власта останаа изневерени. Секоја нормална власт, која се грижи за добросостојбата на своите граѓани, и која е мудра и знае дека секое едно општество го води неговата роднокрајна интелигенција, ќе ги собереше на едно место сите умни глави, независно од нивниот пол, возраст, народност, политичка определба итн. и најмалку нешто што можеше да направи ќе беше, барем, да ги ислуша. За жал, поради каприц, самобендисаност, но и безинтегритетност и подаништво, актуелната власт се откажа од својата интелигениција. Најми неколку јавни личности, нивни апологети и преку нив со ад хоминем напади, лични дискредитации и субјективни оценки и квалификативи ја секнаа и ја онемеа секоја критична мисла која не критикуваше заради критика ниту во служба на опозицијата, како што нивните апологети сакаа да го претстават тоа, туку, главно, за работите во Македонија да тргнат на подобро. Оваа апатија и отсуството на желба и понатаму да се троши енергијата бесполезно и без подлога на која „ќе легне“ се огледа во сите сегменти од нашето живеење: во приватниот живот, на работното место, меѓу роднините и најблиските пријатели што ми предизвикува едно чувство  на осама, на задушеност, на тесен простор, кој однатре ме тера да крикнам, како што своевремено го направил тоа Прличев извикувајќи: „Поприште немам!“

Дали во Македонија владеат медиокритети?

E. J-У: За жал – да! Се разбира, секаква генерализација е неблагодарна и да направам парафраза на една народна поговарка,  „меѓу секој какол има и по зрнце жито“, но мојот генерален впечаток е  дека најголемата рак-рана на нашето општество е владеењето на просечноста и потпросечноста, и тоа не само во политиката, туку и во здравството, образованието од основното до високото и највисокото… овде во последниве години секој што ќе плати и има елементарни работни навики станува доктор на науки. Се изгуби секаков вредносен критериум и целиот живот стана еден тежок привид составен од квазиинтелектуалци, недоволно учени професори, надрилекари, алхемичари, лажни академци и академици… Згора на сè, сите претходно набројани, не само што не се тоа за што „се продаваат“ туку немаат никаква емпатија спрема својот народ ниту, пак,  трошка љубов спрема Македонија која е оставена да тоне во сопствените Авгиеви коњушници… 

Постои ли кај нас интелектуална сила која може да повлече напред?

E. J-У: Се разбира дека постои. Секаде па и кај нас. Не знам по кој пат ќе кажам, ЗА ЖАЛ! За жал, умните, критичните и отворените умови во последниве 30 години не се омилена сорта кај ниту една владејачка гарнитура, а особено не се тоа – кај последнава. Како што кажав и погоре, умна власт ги собира сите умни на купче и „купува“ совети за спас на нацијата во сите сфери на општественото живеење: од економија до заштита на животната средина! 

Ако од некаде треба да започнат реформите, од каде би започнале Вие?

E. J-У: Да сум некаков фактор, како што не сум – би ги викнала најдобрите наши економисти и би им дала задача да направат неколкугодишна стратегија за економско закрепнување на земјата. Не сум социолог, но паметам дека како млад лектор во Македонското радио во периодот 1991 – 1993 година, јазично коригирав еден текст кој се однесуваше на економските реформи што ги преземаше Кина во тие години. Колку што се сеќавам, тие оваа реформа најпрво ја направија во образованието. Направиле анализи и дошле до сознанија кој кадар е дефицитарен а кој суфицитарен во земјата; тргнале од оваа точка и сите ресурси во образованието ги вложиле во дефицитарните струки што се носители на базата. Оние студии, пак, што произведувале суфицитарен кадар а немале базичен карактер, ги беа ставиле во мирување. Се разбира, не ни помислувам дека можеме да се споредуваме со Кина, но зошто да не учиме од добрите примери? Јас лично сметам дека сиот акцент кај нас треба да се стави врз она што е наше, автентично и специфично… тоа што другите околу нас па и пошироко го немаат! Тоа, се разбира, се: нашата култура, јазик, фолклор, историја и секако, нашата почва, поднебје и клима. Со инвестирање во овие нешта ќе развивам секаков вид туризам: од културен, преку селски и манастирски, до гастрономски и вински… ќе инвестирам и во земјоделието и во повторното заживување на селото: сметам дека со ваква клима, вода и до неодамна чист воздух во нашава малечка земја, по жители рамна на еден кварт во некоја светска метропола, нема да постои ниту бездомен ниту гладен човек… сега се сетив дека пред 5-6 години некаде во Италија, – на Алпите, ли? – било создадено информатичко село: голем број информатичари заминувале во тоа село и оттаму ја вршеле работата: ем  на чист воздух, ем подалеку од бучните и хектични градови… Зарем ние не би можеле да направиме такво нешто, со обновување на нашите запустени планински села? Којзнае, можеби, зашто не сум дел од овие струки многу романтично гледам на работите, но, ете, вака ја гледам Македонија во некоја замислена идеална иднина… 

Дали е неопходно на патот кон Европа да се изгубиме себеси?

Е. Ј.-У.: Ама за каква неопходност зборувате? Македонија, како и сите земји членки, во ЕУ треба да влезе на ист начин како и другите. Без никакво обезличување, без никакви откажувања од своите идентитетски обележја. Во спротивно, кога јас би се прашувала, би ѝ се заблагодарила на понудениот ексклузивитет и би се свртела кон себеси  по углед на онаа старата изрека од нашите соседи: „Уздај се у се и у своје кљусе“ и би тргнала овде, во својата земја, да ги барам и да ги најдам ресурсите за сопствениот опстанок. Во оваа смисла често ми текнува на тоа како Исланд, онаа голема островска земја, со само 350 000 жители во оној север успеа да опстои, да остане своја на своето и да ѝ каже НЕ на ЕУ, која во меѓувреме ја „молеше“ да ја прибере кај себе. Во споредба со Исланд како географски простор и поднебје  ние имаме толку многу предности: плодна почва, изобилие од сончеви денови, блага клима… но за разлика од Исланд немаме: многу напорна и чесна работа, осуда од заедницата на секаква нечесна постапка направена од страна на владејачката гарнитура и конечно – немаме празни затвори, кои се празни благодарение на високата цивилизациска свест, строгите законски мерки и екскомуникацијата од заедницата на секој што се огрешил пред законот!    

Како гледате на  наративот што се форсира од апологитите на власта дека минатото е неважно, а самосвеста релативна категорија, на сметка на некаков „паневропски идентитет“ кој реално не постои?

Е. Ј.-У.: Кога јас бев дете во онаа Социјалистичка Македонија владееше една максима која важеше на територијата на целата бивша федеративна држава, а која гласеше: „Запознај ја татковината за да ја сакаш повеќе“. Има нешто во тоа. Не можеш да сакаш нешто што не го познаваш. Мора да добиеш почетен импулс од  некаде. Во засакувањето на земјата тој прв импулс доаѓа преку мирисот, па преку видот: јас Охрид го засакав како дете по мирисот на езерото измешан со мирисот на компот од дуњи и пржени лепчиња во кампот на Академското спортско друштво „Партизан“ во Далјан, на крајот од Охрид, по стариот пат за накај Струга… Од брегот на овој камп под кристално синото небо, исправен на карпа првпат го  видов Канео и трите ели како стражари пред него, па Самоиловата тврдина… па потоа под неа Имарет, денес Плаошник… од најмали нозе растев со трагичната приказна за цар Самоил и неговата ослепена војска… го лепев увото на гробот на Св. Наум за да го чујам „отчукувањето“ на неговото срце… првпат видов лакримариум на отворањето на археолошкиот локалитет Стоби во таа далечна 1976 год… секое грне или стомна по пазарите ми е асоцијација на мојот роден Велес, на Рацин, на калдрмата на Сар-маале и Којник, на Гроот и Вршник… плачев како дете кога по раѓањето на моето дете првпат ја видов претставата на Исус Емануил на влезот од Марковиот Манастир крај Скопје… токму овие сетилни, емоционални и историски точки се оние што не ми дозволуваат да бидам она што не сум… ме бранат и ме штитат тие од секакви „екскурзии на мозокот“ дека лесно можеш да се откажеш од минатото зашто тоа не те храни, како што слушаме секојдневно од релативизаторите и апологетите на власта кои забораваат дека Човек без меморија, не може да се нарече човек!

Кога македонската култура ќе го доживее своето Периклово доба?

Е. Ј.-У.: Тешко прашање со многу лесен одговор: кога Македонија за претседател и/или за премиер, ќе добие човек што ја сака  Македонија, што ја познава и ја почитува нејзината култура како најуникатен дел од нејзината комплексна и трагична историја, зашто ако не се сакаш и не се почитуваш себеси, ако сам не умееш да се одбраниш – никој тоа нема да го направи наместо тебе. Тогаш кога за министер за култура ќе биде поставен некој што ја познава македонската култура со сите свои специфики и  во сите нејзини сегменти, министер кој ќе биде отворен да прима совети и помош од повичните од него во определени фахови на културата, министер кој ќе умее преку културната дипломатија да ги искористи сите богатства и  придобивки на македонската култура во афирмација на Македонија и, конечно, – министер на кој македонската култура ќе му биде ЦЕЛ во афирмацијата на Македонија, а не СРЕДСТВО за успеси во својата кариера и лична себепромоција!     

Дали еден автор треба да влезе во политика, односно дали тоа е начин тој да се избори за својата слобода?

Е. Ј.-У.: Се разбира дека не! Јас израснав и се формирав како личност во едно време во кое со политика се занимаваа политичарите, професорите со професура, актерите со актерство, сликарите со сликарство, инженерите со техника и технологија, лекарите со лекување болни… во тоа време кога ќе се речеше политичар се подразбираше стамен, мудар, образован човек… некој што мисли, одлучува и се грижи за доброто на државата, и за среќата на сите луѓе во социјалната хиерархија: од оние со најниско образование и социјално загрозени лица до оние што стојат највисоко во хиерархијата. Се разбира, не сакам да паднам во замката на идеализацијата дека тогаш сè беше совршено… и во тоа време имаше девијации, но тие повеќе беа на ниво на инцидент, а не како што е денеска: моралот, знаењето, воспитанието, културата и етиката да бидат инцидент, а безредието, расипништвото, алчноста, криминалот и кражбата секојдневна обична појава која е во толкава мера присутна во нашево општеството, – божем ЕДНО за сите, а всушност за само една привилегирана каста и еден привилегиран етникум (врз фонот на „права за малцинството“) –  што не само што не нè скандализира, туку и нè онемува и нè прави безгласни. Живееме во општество со нарушена интелектуална хиерархија: интелектуалците, оние малкуте што останаа во Македонија, се маргинализирани и осиромашени, не постои никаков мерит-систем, со политика се занимава кој стаса, главен услов за вработување или за напредок во професионалната кариера не е знаењето, туку членството во политичка партија. И тоа не какво било членство – ами најмногу такво членство кое е невидливо, безгласно, кое не само што никогаш и за ништо не им се спротивставува на оние  што стојат највисоко во хиерархијата на определена партија, ами уште и се восхитени од мудроста и политичките одлуки што ги носат највисоките. Во Македонија нема веќе ни наивно дете да викне „Царот е гол!“; секаква критична мисла бидува скастрена во корен, не постои толеранција спрема поинакво мислење и затоа тоа поинаквото мислење треба час-поскоро да се отфрли, изруга, а неговиот агенс да се исплука, да се оцрни, да му се залепи етикета… До никаква слобода нема да стигне никој овде доколку не се постават работите по старо: секој да си ја работи работата за којашто учел и со својата работа во која најдобро се снаоѓа да придонесува за општеството. Само на тој начин мислам дека општествениот живот во Македонија повторно може да се врати на својот нормален тек.        

Што мислите за оние што личен успех градат врз сензационализам?

Е. Ј.-У.: Во нормални општества, какво што нашето сигурно не е, ова што го велите никако не може да биде гаранција за успех. Во нормалните општества успех не се постигнува преку ноќ, со сензации, „лакрдијашење“, сплеткарење, подметнување, себепромоција… на успехот, според моето конзервативно минатовековно сфаќање за тоа што е успех и како се доаѓа до него, – му претходи долга, посветена, искрена и чесна работа… во нашава земја постојат и такви луѓе, но за жал малку знаеме за нив… во принцип тие се маргинализирана група во нашето општество. Поради својата скромност и посветеност на својата работа, просто, се невидливи. Не ги среќаваме во институтциите ниту на медиумите… кога ќе сретнам таков човек, успешен во својата област, главно, ангажиран на проекти во странство или  самовработен често ја сожалувам нашата држава што немала ниту слух ниту интерес да ги искористи овие луѓе, во позитивната смисла на глаголот „искористи“, за доброто на Македонија и на сите што живееме во неа. 

Дали македонскиот јазик е загрозен и како да го намалиме влијанието на англискиот јазик врз најмладите Македонци? 

Е. Ј.-У.:  Неодамна по повод Денот на мајчиниот јазик напишав: „Никој ништо не му може на нашиот јазик. Ќе живее тој, сè додека е жив и последниот Македонец.  А Македонецот е како пиреј – веќе со децении ечи рефренскиот исказ на нашиот голем писател, Петре М. Андреевски: „Тој е троскотна трева, ти колку сакаш корни го, куби го тој пак расте и се шири… “  Ете, тоа е она што го забораваат оние наши таканаречени браќа во сите свои  извештаи упатени до ЕУ кои се однесуваат на Македонија, на Македонците и на македонскиот јазик…“ И ова вака звучи питко и привлечно за секој самосвоен и освестен македонски патриот. Но! Сите политички фактори во земјава и позицијата и опозицијата час-поскоро треба сите сили да ги насочат кон економското закрепнување на Македонија со што ќе се спречи одливот на младите надвор од земјава. На тој начин најдобро ќе го зачуваме и ќе го зацврстиме македонскиот јазик. Во спротивно бадијала ќе ни бидат сите стратегии, мерки, закони и институции. Зашто за да биде еден јазик жив, еластичен и витален му се потребни „борци“, а тие борци се токму говорителите на нашиот јазик –  МАКЕДОНСКИОТ!

Сметам дека од најмала возраст кај младите луѓе треба да се негува љубовта спрема македонскиот јазик и да се развива свеста дека македонскиот јазик е со многу мал број на говорители и дека ако ние не го негуваме и чуваме, нема кој друг да го прави тоа наместо нас.

За да се подигне јазичната култура и во основното и во средното образование, треба многу помалку учење ЗА јазикот, односно, помалку граматика, а повеќе пишување, читање, раскажување и пеење НА јазикот и свртување повеќе кон националните книжевни достоинства. Покрај ова, државата ќе треба да се погрижи во креирање на повеќе медиумски содржини за најмладата македонска популација, кои ќе бидат достапни и за Македончињата од дијаспората, во која, покрај ова, државата треба да обезбеди и настава за изучување на македонскиот јазик, со цел за непрекинување на папочната врвка со матицата.  

Дали има соодветен одговор на актуелните состојби во продукцијата во македонската лингвистика?

Е. Ј.-У.: Ми се чини дека многу подобро ќе беше ако овие напади што ни дојдоа однадвор а кои, главно, се однесуваат на нападите врз македонскиот јазик,  ги пречекавме подготвени и со реализирани проекти, зацртани во Националната стратегија во културата за периодот 2012 – 2017 година што ги иницираше тогашниот состав на Советот за македонски јазик, под претседателство на мојата прерано почината колешка, Убавка Гајдова. Од сите тогаш зацртани проекти се реализира само Правописот на македонскиот јазик во 2015 г. Сепак, никогаш не е доцна да се започне со работа и инвестирање од страна на државата во тогаш нерелизираните а предвидени проекти, како што се: Електронски корпус на македонскиот јазик, Академска граматика на македонскиот јазик, Етимолошки речник на македонскиот јазик и др. Покрај ова, Државата ќе треба да посвети поголемо внимание и да обезбеди повеќе средства за поттикнување на научни проекти од национално значење, со што би се пополниле празнините кои постојат во македонската наука за јазикот. Потребно е издавање на повеќе двојазични речници, терминолошки речници; спроведување нови дијалектолошки теренски истражувања, особено на оние наши говори кои се наоѓаат надвор од границите на нашата држава, редовно подновување на Правописот на македонскиот јазик на секои пет до 10 години.  Во овој контекст од особена важност е и формирањето на Комисија за стандардизација на географски и други имиња со чија работа ќе се помогне решавањето на проблемите што ги имаме со двојазичните топоними, со имињата на улиците и институциите, со двојазичните лични имиња во личните документи на припадниците на деловите од народите според Уставот на Р Македонија или на странците што се стекнале со македонско државјанство заради прецизна транскрипција, на нивните имиња, од туѓо писмо на кирилица и обратно, во случаи кога тоа не е предвидено со Правописот на македонскиот јазик. Потребно е, исто така, што поголемо инвестирање на македонската држава во афирмацијата и проучувањето на македонскиот јазик, не само во земјава туку и во странство. За да се оствари ова,  потребна му е силна поддршка, пред сè, финансиска на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, кој во своето, речиси, шестдецениско постоење со отворањето лекторати ‒ претставува вистински расадник на македонисти низ светот.

Која е главната порака од Вашата последна книга „Презимето кај Македонците“?

Е. Ј.-У.: Долго размислував како да ви одговорам на ова прашање. Знаете, мојата книга не е белетристика (иако некои пријатели и студенти ми рекоа дека така ја доживеале по нејзиниот прочит) од која треба да излачите некаква порака или наравоучение. Таа треба да даде основни информации за македонското презиме, во смисла на неговиот историјат и определни специфики во одделни краеви на македонската јазична почва, да даде преглед на начините на образувањата на презимето кај Македонците, да го погледне од правен и социолингвистички аспект, но и да одговори зошто или поточно поради кои историски околности се нашле некои презимиња со туѓо потекло во македонскиот антропономастикон… Ако некаде во книгава можете да прочитате порака е последната глава за која инспирација ми даде една сентенца од најголемиот и најзначаен проучувач на презимето кај Хрватите, акад. Петар Шимуновиќ кој на едно место вели: „Секое презиме има своја приказна.“ И затоа решив од некои носители на егзотични, несекојдневни и ретки презимиња да побарам да си ја раскажат приказната за своето презиме: како се нашло презимето во Македонија, како останало овде, колкумина го носат денес, дали знаат што им значи презимето… иако меѓу раскажувачите се најдоа такви носители на презимиња чии предци водат потекло од блиски земји до Македонија, но и од многу далечни и егзотични краеви, сите нив ги обединува една основа која во еден свој говор, по повод 70 години од депортацијата на Евреите од Македонија, мошне убаво ја дефинира поранешниот претседател на Р Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов, кога рече: „За разлика од западноевропската традиција на толеранција, ние имаме филозофија на почитување и прифаќање на различноста, која е фундаментално различна од толеранцијата. Додека се толерира она што се мора, се почитува она што се сака.“ Кога сме веќе кај сакањето какво е тоа сакање без љубов? Користејќи го математичкиот асоцијативен закон заклучуваме дека почитта значи љубов, а љубовта победува сè, секакви бариери и пречки. Македонецот е токму таков: полн со љубов, разбирање и почит спрема Другиот. Побргу ќе се потчини себеси, ќе си ускрати нешто себеси и на своите најблиски за да му угоди и да му направи да му биде убаво и пријатно на секој туѓинец кого неволјата го натерала да најде уточиште во неговиот дом. Така што сите обвинувања на сметка на мојот народ за нечовечност, агресивност, приграбување туѓо и ускратување нечии човечки права – се чиста измислица, илузија, клевета, лага и злонамерни тврдења од кои, за жал, во моментов нема кој да го заштити и да се спротивстави.  

  

Ако секој е свесен за своите грешки, што би му препорачале на своето дете врз база на своите негативни искуства и погрешни одлуки?

Е. Ј.-У.: Сега, веројатно, очекувате големи и мудри совети. Единствено нешто што го знам и што му го кажувам постојано на мојот  единец Исток, а коешто и јас го научив од моите родители –  е да се наслушува себеси и да го прави она што му прави ќеиф на душата. Не се сметам себеси за безгрешен човек зашто таков не постои, а и ако постои сигурно не ќе биде тука со нас туку на некоја ливада под Олимп… па сепак, ме чувал Господ од големи грешки и погрешни одлуки. Најголемата грешка ја направив пред точно 10 години кога не си се послушав себеси и најблиските кои ми советуваа дека на мојот  емотивен ткаеж не му прилега никаква функција, особено не во тоа време… за среќа траеше кратко… од денешна дистанца, сепак, мислам дека и не беше тоа толку лош потег, избор. Зошто? Си ги разбив сите илузии за некои луѓе и им кажав „збогум“ на еден куп морални дилеми врзани со тие луѓе. Не дека немаше неминовно да дојде до овие мои „откритија“, но, веројатно, ќе одеше бавно и постепено. Вака се случи тоа во еден здив!

По низата приватни и професионални премрежја низ кои сте поминале, како можете себеси да се опишете?

Е. Ј.-У.: Од сите ваши прашања последново ми направи најголема главоболка: најмногу поради тоа што сметам, или, пак, ми е така наметнато од воспитанието, дека најнеблагодарно е да зборуваш самиот за себе. Но, еве, решив да се погледам отстрана и искрено да ви кажам оваа жена што го носи истото мое име и презиме, па дури и по мажот, е  „фииина некоја женица“ (ха-ха-ха)… Таа многу сака: фини работи, воспитани, умни и културни луѓе, сака да се дружи со помлади луѓе и уметници зашто тие не ја оптоваруваат, да ги слуша и да учи не само ука, туку и човештилак од поумните и од подобрите од себе, презира скромноумни, тесногради скржавци, прематари и озборувачи, „животонемачи“, како што вели нејзиниот син… далеку е од совршена: да е толку лесно веднаш би ѝ симнала некој поголем број килограми вишок, би ѝ наметнала добри прехранбени навики најмногу заради нејзиното здравје, би ѝ скусила малку на емотивноста и ставањето сè на срце, нема да ѝ дозволам, макар и пет минути да помине со ситничави луѓе кои бараат влакно во јајцето или со токсични луѓе кои ѝ ја цедат позитивната енергија која сè помалку ја има и самата за себе… би ѝ препорачала да не ги рециклира и ако може да ги заборави сите гадости и пакости што ги доживеала од божемни пријатели, би ѝ сугерирала остатокот од животот да го помине во стилот на онаа латинската nulla dies sine linea, да продолжи да си ја работи работата којашто ја сака и ја исполнува, да патува, да се смее опкружена со најблиските роднини, со другарите и со пријателите со кои меѓусебно се сакаат и се почитуваат… и, се разбира, би ја поддржала во желбата што поскоро да се оствари во улогата на баба заедно со „својот“ дедо (се смее…).  

intervju.mk

1 COMMENTS

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *