проф. д-р Благој Цонев
Кога и каде во светот да не прашаат која е нашата националаност, се чини, ние, Македонците се забораваме во тоа од кај сме и што сме и ни треба време да одговориме; јас сум Македонец, или јас сум Македонка. Иако навидум ова изгледа како безгрешна мала случка, сепак, тоа што на нас ни овозможува време да се осознаеме самите себе си, па макар и тоа време да е од пет или десет секунди, не прави да бидеме апстрактни. Но, апстрактни не во однос на нашиот идентитет, не во однос на митовите или колективната меморија, туку апстрактни во однос на сегашноста и на нашиот моментален бит. Имено, таа тишина од десет секунди која ни е потребна да со срамење во очите кажеме дека сме Македонци нас не прави нешто друго, а тоа е новите Палестинци во Европа. Иако досега, Македонија беше израмнувана со Либан, иако сите светски умови не определуваа како Бејрут во смисла дека ако во некоја соседна држаа има проблем, ќе има проблем и кај нас, ние тоа го надминавме. Но не го надминавме на позитивниот, туку на негативниот начин… Имено, Македоницеот од ниво на гордиот Либанец (маронит, православен, шииит или сунит) го симнавме на ниво на покорен палестинец кој иако знае кој е, од каде е, дека со векови е на оваа територија, сепак ја наведнува главата и секое утро оди да ја одгледува бавчата со лимони на некој доселеник во Наблус, Хеброн или Виеетлем. И, иако е неспорно дека Македонецот и палестинецот се на како културолошко, така и на политичко, па скоро и на економско рамниште, сепак, треба да ја најдеме сржта на тоа, како Македонецот се претвори во Палестинец во Европа и како Македонија, или Северна Македонија (во зависност од тоа кој како љуби да си ја нарекува татковината) се претвори во една зона во која од државност нема ништо, има територија, но нема население. Така, сржта на нашиот проблем не е нашиот мит, нашата колективна меморија или пак нашиот идентитет, сржта на македонскиот проблем е поговорката која ја има само во македонскиот јазик, а таа е: „наведната глава, сабја не сече“.
Што повеќе да очекуваме од единствениот народ на светот кој има ваква поговорка, што да очекуваме од народ кој се срами во други држави да каже од каде е… Да очекуваме револуција, па ја имавме т.н. „шарена“, да очекуваме промена на власта, па го имавме „падна режим со пенкало“, и на крајот се сведовме на мала креатура која не може ниту да се нарече држава, креатура во која имаме некој си премиер кој никој не го гласал на избори, а кој со кошница во продавници купува леб од 33 денари. На ова немаше ниту шарени, ниту опозиција, ниту пак режими, туку молк. Молк за тоа што народот е исплашен, молк, затоа што тие што беа шарени, сега се портокалови, затоа што тие што беа сини, сега се црвени, а тие што беа црвени сега се портокалови. На тој начин, нас Македонците, елитите не сметаат не за овци, туку за Палестинци (да ми простат палестинците, но на овој свет овците имаат повеќе права од нив)… Не не сметаат за народ, а не пак за нација, туку за некаква си популација која на крајот на денот е среќна затоа што може да им обезбеди леб на своите деца. Но, не се виновни тие што не сметаат за стадо, за крдо или пак за јато, а не за народ или нација, виновни сме самите ние…
Ние, сме виновни затоа што од нас самите направивме боенка за мали деца, ние сме виновни што после 1991 г. само едно училиште е изградено во Македонија, ние сме виновни што после независноста во Македонија нема реновирани и новоизградени болници, ние сме виновни што треба да се фаќаат врски, за нашите деца живеат во студентски дом, а најчесто врските се кај некоја партиска будала, која веќе поседува ниви со целосна апаратура за фотоволтаици, ние сме виновни што нашите деца за да добијат финансирање од Фондот за иновации, треба да ги поделат средствата со Вицепремиер, ние сме виновни што министри ни играат кошарка во кабинети и што берберот што му го прави тупето на министерот има дипломатски пасош. Самите сме виновни за се! Ние сме виновни за сопствената апстрактност и за тоа што не знаеме да се покажеме и докажеме. Ние сме виновни што се плашиме од навивачи кои се јаки фактори во политика, ние сме виновни што има бизнисмени со пари кои ги украле, а никој не се потресува поради тоа, односно ние сме виновни за апстакцијата на Македонизмот и на Македонецот.
Апстракцијата не е во тоа дека ние се срамиме од она што сме, апстракцијата во анционалниот идентитет е во тоа што ние се срамиме од тоа кој не води. Тој што не води ниту еднаш не бил избран на избори, неговиот заменик е насилник, а тој што стои зад него, не го ни познаваме. Сето ова не прави нас Македонците, апстрактни како што се и Палестинците. Апстрактни во смисла дека сите знаеме кој не води, но никој не ги гласал за водачот… Нешто слично на Јасер Арафат и Махмуд Абас, ние знаеме кои се Димитар Ковачевски, Артан Груби и помалку важниот Стево Пендаровски, но ние не гласавме за нив… Не го гласавме ниту Христијан Мицковски, но кутриот тој си е во опозиција и се чини дека таму сака да остане, како лидер на ВМРО и во наредните дваесетина години. Токму нашите Арафат и Абас, го направија идентиетот на Македонецот апстрактен и не доведоа до тоа дереџе, за да се срамиме да кажеме од каде сме.